Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска изјави дека би било „лудост“ од Велика Британија да се откаже од своето нуклеарно оружје и од ракетите „Трајдент“, во услови на потенцијалната закана од можен нуклеарен напад од Северна Кореја.
Во авторски текст во лондонскиот весник „Дејли телеграф“, премиерот Камерон вели дека нуклеарната закана, во основа, сега е зголемена од завршувањето на Студената војна.
Британските конзервативци и либералдемократи во коалициската Влада имаат спротивставени гледања околу нуклеарното оружје и иднината на ракетите „Трајдент“.
Ториевците го поддржуваат планот за замена на сегашните подморници, вооружени со нуклеарните ракети од типот „Трајдент“, со нови, за што би се потрошиле 20 милијарди фунти. Либералдемократите бараат сосема поинаква опција и многу поевтино решение.
Изјавата на Камерон доаѓа пред неговата посета на британските бази со нуклеарно оружје во Клајд, во Шкотска, каде се сместени и четирите подморнци вооружени со ракетите „Трајдент“. Една од овие подморници,„Викториус„ е во постојано патролирање по светските мориња.
Шкотската сепаратистичка СНП партија, која идната година ќе организира референдум за независност на овој дел од Велика Британија, е против нуклеарното вооружување. Претставник на партијата изјави дека Шкотска нема да дозволи нуклеарно оружје на своја територија, доколку земјата стане независна држава.