Каква е тајната врска меѓу Путин и евроската екстремна десница?

Од:

Индекс – Загреб

Австрискиот вицеканцелар и лидер на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО), Хајнц-Кристијан Штрахе пред некој ден јавно се заложи за укинување на санкциите на Европската Унија кон Русија, кои беа воведени по руската анексија на Крим.

– Би бил пожелен нов пристап на ЕУ. Санкциите најмногу му наштетија на нашето австриско стопанство. Отсекогаш предупредував дека Русија не треба да се турка во прегратките на Кина, изјави Штрахе во интервју за дневниот весник „Естерајх“, додавајќи дека е „крајно време за укинување на санкциите и за нормализација на политичките и економските односи со Русија“.

Слични барања можат да се слушнат и од Рим ,каде власта ја презеде коалиција составена од популистичкото Движење Пет ѕвезди и десничарската партија Лига, во чии коалициски договор се предвидува укинување на санкциите кон Русија.

Сето тоа не е нималку изненадувачки бидејќи веќе извесно време постојат врски на европските екстремно десничарски и популистички партии со Русија на Владимир Путин. Тоа што започна како тајна врска од взаемна полза со текот на времето стана јавна тајна, а сега е целосно разоткриена.

Путин ја финансира европската екстремна десница

Во меѓу време Русија на Путин ја финансираше и работата и кампањата на Марин Ле Пен и нејзиниот Национален фронт, како и екстремистичката партија Алтернатива за Германија (АФД) на чии лидери со руски средства им биле плаќани дури и авионски карти за патување во прва класа.

Преку разни фондации блиски до Кремљ организирани се разни конференции на кои се собирале екстремните десничари од Европската Унија и каде е создавана интелектуална основа на нивната екстремистичка идеологија.

Познато е и дека Путин има блиски врски со унгарскиот премиер Виктор Орбан и дека руските нафтени гиганти де факто се сопственици на унгарската нафтена индустрија МОЛ. Се знае и дека ФПО, чиј лидер е споменатиот Штрахе потпиша меморандум за соработка со партијата Единствена Русија на Путин.

Сето ова е објавено во релевантни медиуми и до сега не е демантирано.

На кратко речиси сите екстремистички и популистички партии од Европската Унија имаат блиски односи со Русија, со исклучок на полската владејачка партија Право и правда (ПИС) на Јарослав Качињски, што всушност и не е изненадување имајќи предвид дека полските десничари во Русија гледаат најголема закана за независноста на Полска.

Сите останати десни екстремизми и нелиберални демократи Путин успеа да ги врзе за себе, понекогаш со пари, а понекогаш со споделување на слични политички вредности.

Предупредување на бриселскиот „Мартенс центар“

Бриселскиот тинк тенк „Мартенс центар“ уште во 2015 година го објави извештајот под наслов „Една несвета алијанса“ во која се истакнуваат врските помеѓу Русија и европската екстремна десница „базирани и на идеологија и на стратегија“ и се посочува дека европските десничарски екстремисти „во Путин гледаат модел на силен лидер кој заговара конзервативни вредности и се противи на декадентниот Запад“.

Партиите од европската екстремна десница својата блискост со Путин ја гледаат како дел од поширокиот план „за извлекување на своите земји од Европската Унија“, додека Кремљ во нив гледа „корисна алатка“ за дестабилизација на ЕУ.

Поради тоа двете страни изминативе години воспоставија блиски односи, па европските екстремни десничари сакаат да се сликаат со Путин – на пример рускиот претседател свечено ја прими Марин Ле Пен пред претседателските избори во Франција на која таа сепак претрпе пораз – бидејќи тоа го зајакнува нивниот кредибилитет и нивниот имиџ.

Тимерманс: Поделена Европа значи дека шеф е Путин

На ваквите појави укажуваат високи претставници на Европската комисија, па така нејзиниот потпретседател Франс Тимерманс лани беше невообичаено отворен кога го прашаа за оваа тема.

– Постои причина зошто Путин ја поддржува екстремната десница ширум Европа. Тој знае дека таквите партии нас не ослабуваат. Тој знае дека екстремната десница создава поделби во ЕУ, а поделена Европа значи дека шеф е Путин, изјави Тимерманс во март минатата година.

Оттогаш ништо не се промени, а најновите примери од Австрија и Италија покажуваат дека сојузот меѓу Путин и еврпската екстремна десница и натаму функционира совршено. Секако на штета на Европската Унија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Авион се запали при слетување во Анталија, сите 79 патници се безбедно евакуирани

А1он

Доколку Сеул му испорача оружје на Киев, ќе следи одговор на Москва, велат од руското МНР

А1он

Уништени повеќе од десет руски дронови кои ноќеска го нападнаа Киев

А1он

Путин потпиша нов закон, простени долгови секому што ќе се пријави да оди во војна

Москва не го признава Меѓународниот кривичен суд, реакција по налогот за апсење на Нетанјаху

Катерина Ѓуровски

„Шпигел“: Путин се заканува со нови напади