Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека е свесен оти националистичките политичари се закана за европска солидарност, за која рече дека е главната цел на ЕУ.
-Тие популисти, националисти, глупави националисти ја сакаат само сопствената земја. Тие не ги сакаат оние кои доаѓаат од далеку. Јас ги сакам оние кои доаѓаат од далеку. Ние треба да дејствуваме солидарно со оние кои се наоѓаат во полоша ситуација од нашата, изјави Јункер за Си-Ен-Ен пред европските избори.
На прашањето дали антиевропските сили се поуспешни во мобилизирањето на својата база од проевропските, Јункер оцени дека секогаш е полесно да се мобилизираат негативните отколку позитивните сили.
Искра надеж, Јункер гледа во она што се случува по одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ.
-Од Брегзит, бројот на оние кои се за ЕУ порасна, бидејќи луѓето гледаат што се случува и оти напуштањето на ЕУ не е толку лесно како што им било кажано, потенцира тој.
Јункер сака процесот на Брегзит да заврши, бидејќи „наштетува на општата атмосфера во Европа“. Тој, исто така, верува дека Британците треба да го поддржат планот на премиерката Тереза Меј, кој е договорен со ЕУ. Ние сме гледачи на британската сцена. Одлуката зависи од нив, рече тој.