Јеменскиот меѓународно признат претседател Абед Рабо Мансур Хади следната недела нема да учествува во преговорите со шиитските бунтовници, кои под контрола ги држат престолнината Сана и поголемиот дел од северен Јемен, сооопшти денеска неговата канцеларија.
Во соопштението се наведува дека нема да има преговори со бунтовниците Хути доколку тие не ја прифатат резолуцијата на Обединетите нации која ги обврзува да се повлечат од подрачјата што ги зазеле и да го предаат оружјето земено од државните институции, пренесе Танјуг.
Претседателот Хади претходно годинава го напушти Јемен, а неговата Влада сега има седиште во Саудиска Арабија, предводничка на коалицијата која, со поддршка од САД, од март изведува воздушни напади врз позициите на јеменските бунтовници.
Во конфликтот во Јемен се спротивставени силите лојални на претседателот Хади, од една, и бунтовниците Хути, поврзани со поранешниот претседател Али Абдулах Салех, од друга страна.
Во тек се интензивни борби во третиот по големина јеменски град Таиз, во кои во текот на вчерашниот ден погинаа најмалку 14 лица, а 27 беа повредени.
Во судирите во Јемен досега погинаа повеќе од 4.000 лица, што оваа најсиромашна земја од арапскиот свет ја втурна во хуманитарна криза, па дури и на работ на глад.
Веќе пропаднаа неколку обиди за организирање преговори за завршување на конфликтот, а се покажа и дека е речиси невозможно да се договори хуманитарен прекин на огнот за доставување на потребната помош.