Јеменскиот претседател Абед Рабо Мансур Хади го смени премиерот и потпретседател Халед Бахах, објавија локалните медиуми.
За нов премиер е именуван Ахмед Обаид, а за потпретседател е поставен генерал-мајор Али Мохсен ел Ахмар.
Хади, кој живее во Саудиска Арабија, го именува Бахах за советник на претседателот. Иако нема официјално објаснување за смената на Бахах, некои медиуми наведуваат дека постоеле несогласувања меѓу него и претседателот.
Меѓународно признатата влада на Хади и бунтовниците минатиот месец се договорија за прекин на огнот, кој стапува во сила на 10 април пред почетокот на мировните преговори со посредство на ОН, кои се закажани за 18 април во Кувајт.
Во Јемен се води граѓанска војна откако во септември 2014 година шиитските бунтовници Хути и сојузниците на поранешниот претседател Али Абдулах Салех презедоа поголема територија во земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана. Поради тоа Хади беше принуден да избега во Саудиска Арабија.