Јеменскиот потпретседател Халед Баха изрази надеж дека арапската коалиција нема да изврши копнен напад на територијата на Јемен.
Изјавата на Баха уследи по зачестените шпекулации дека планираните воени вежби на саудиската армија ќе претставуваат можна подготовка за копнена интервенција во Јемен. Саудиска Арабија е предводник на арапската коалиција која ги врши воздушните напади врз позициите на јеменските шиитски бунтовници Хути.
Баха воедно ги повика одметаните единици од регуларната јеменска армија да престанат да им пружаат помош на Хутите, кои водат борби против силите лојални на Владата на Јемен во егзил.
– Ги повикувам сите трупи и припадници на безбедносните сили да ја признаат командата на Владата и да ја штитат земјата, изјави Баха во Ријад, каде што се наоѓа во егзил заедно со јеменскиот претседател Абд Рабо Мансур Хади.
Повикот на Баха пред се се однесува до воените единици лојални на поранешниот јеменски претседател Али Абдулах Салех, што се одметнаа од регуларната армија и се здружија со шиитските бунтовници, кои имаат поддршка од Иран.
Баха нагаласи дека нема да бидат разгледувани никакви мировни иницијативи се додека на претседателот Хади и неговата Влада не им биде овозможено да се вратат во Аден, град на југот на земјата каде тие уживаат најголема поддршка.