Мировните преговори во Кувајт за прекин на едногодишната граѓанска војна во Јемен и интервенциите во земјата извршени од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, денеска нема да започнат како што беше предвидено, соопштија претставници на двете страни во конфликтот, кои меѓусебно се обвинуваат за непочитување на договорот за прекин на огнот.
Делегациите на бунтовничката група на Хутите и на партијата на поранешниот претседател Али Абдула Салех се уште не тргнале од Сана, правдајќи се со жестоките судири кои се водат, како и со воздушните операции на саудиската коалиција.
– Нема зошто да одиме во Кувајт ако примирјето не се почитува, истакна висок претставник на партијата на Салех, Генерален народен конгрес.
Двајца претставници на јеменскта Влада, која е поддржана од Ријад, изјавија дека опозициските делегации веројатно утре ќе пристигнат во Кувајт.