Јапонската министерка за економија поднесе оставка

Од:

Јапонската министерка за економија, трговија и индустрија Јуко Обучи, која се сметаше за потенцијална претенденка за следен премиер, денеска поднесе оставка поради финансиски скандал што може да предизвика сериозна политичка криза во земјата.

Обучи (40), ќерка на поранешниот премиер Кеиѕо Обучи, за која се сметаше дека може да стане првата жена премиер на Јапонија, оставката ја поднесе по тврдењата дека два фонда, што ја поддржуваат, незаконски трошеле пари што биле наменети за политички цели.

Се тврди дека 43 милиони јени (околу 400.000 долари) од предизборните донации биле потрошени за организирање на театарски претстави за избирачите и приврзаниците на Обучи, а овие пари не биле прикажани во сметководствените изводи. Освен тоа, крупните трошоци за разонода на избирачите се сметаат за обид за поткуп.

Утврдено е, исто така, дека 3,8 милиони јени биле потрошени за купување на стоки од продавници, сопственост на роднини на министерката. Тоа, исто така, се смета за прекршување на законот за користење на средствата, наменети за политичка дејност.

Обучи одби да даде коментар, откако утринава излезе од кабинетот на премиерот Шинѕо Абе. Таа беше една од петте жени министри назначени од Абе при министерските рокади од пред само два месеца, како дел од неговите напори да ја зголеми својата популарност.

Како шеф на влијателното Министерство за економија, трговија и индустрија Обучи имаше задача да го спроведе непопуларниот план на Абе за обнова на работата на атомските реактори, исклучени по нуклеарната хаварија во Фукушима.

Јапонските медиуми денеска пишуваат дека Абе, исто така, размислува да ја смени министерката за правда Мидори Мацушима, која е обвинета од опозициската Демократска партија дека го прекршила законот за избори, делејќи им на избирачите хартиени ладалки.

За слични обвиненија опозицијата бара и оставка од министерот за одбрана Акинори Ето.

Би можело да ве интересира

Човекот кој најдолго на светот чекаше за извршување на смртната казна е ослободен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Поплави во Јапонија: Шест лица загинаа, има и исчезнати, градските улици под вода

(ВИДЕО) Први снимки од разорниот земјотрес во Јапонија

Силен земјотрес ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами

Четири лица загинаа во пожар во Токио

Силен земјотрес ги погоди јапонските острови