Јапонија од еден брод, кој превезувал товар од Северна Кореја заплени шипки од алуминиумски легури, кои можат да се употребат за нуклеарни центрифуги, соопшти денеска Владата во Токио.
Пет шипки се пронајдени на бродот, кој пловел под знаме на Сингапур кога пристигнал во пристаништето во Токио, минатиот август, а по шестмесечните тестови е утврдено дека станува збор за алуминумски легури, изјави портпаролот на јапонската Влада Јошихиде Суга.
Алуминиумските легури се исклучително силни и можат да се употребат во центрифугите, тоа се производи кои се доведуваат во врска со нукеларниот развој, рече Суга.
Јапонија пред три години усвои специјален закон, кој им овозможува на властите да извршат инспекција на бродовите поврзани со Северна Кореја, за кои се претпоставува дека носат материјали, кои можат да се употребат во нуклеарната и ракетната програма.
Јапонските медиуми наведуваат дека бродот, кој ги превезувал шипките, пловел за Мјанмар и оти пред Токио запрел во кинеското пристаниште Далијан.
Северна Кореја досега извела три нуклеарни проби, во 2006., 2009. и минатиот месец, а во 2010 година обелодени дека развива програма за збогатување ураниум со помош на центрифуги.
Санкциите на Обединетите нации им наложуваат на земјите-членки да извршат инспекција на сите товари, за кои постои сомневање дека се поврзани со нуклеарната програма на Северна Кореја.