Јапонската Влада апелираше граѓаните да направат резерви на тоалетна хартија, бидејќи повеќе од 40 отсто од производството на тој артикл доаѓа од многу трусно подрачје.
Јапонското Министерство за трговија и индустрија синоќа промовираше специјална тоалетна хартија за употреба во вонредни ситуации.
Владата наведува дека 41 отсто од тоалетната хартија се произведува во областа Шизуока, едно од најтрусните подрачја во Јапонија.
Тошијуки Хашимото од Министерството за трговија и индустрија предупреди дека до криза со недостиг од тоалетна хартија може да дојде во рок од еден месец по евентуален силен земјотрес во таа област.
Јапонските власти сериозно ги сфатија предупредувањата за подготвеност по евентуални катастрофи, посебно по 2011 година кога во земјотрес и цунами загинаа над 19.000 луѓе.