Јапонија ќе се фокусира на хоспитализирање само на најтешко заразените пациенти и оние кои се изложени на ризик да им се влоши состојбата, со цел да се избегне оптоварување на болничкиот систем, бидејќи се зголемува бројот на заразени во градот домаќин на Олимписките игри.
Земјата бележи нагло зголемување на бројот на случаи на инфекција, при што дневниот број се искачи на повеќе од 10.000. Токио имаше рекордни 4.058 случаи во саботата, со што првпат е надминат бројот од 4.000 новозаразени.
– Ќе обезбедиме кревети за сериозно болните пациенти и за оние кои се во ризик да станат такви, рече синоќа премиерот Јошихиде Суга по состанокот на владината работна група.
Тој додаде дека од другите пациенти ќе биде побарано да останат дома, а владата ќе обезбеди тие да бидат хоспитализирани доколку нивната состојба се влоши.
Претходната политика беше насочена кон хоспитализација на поширока категорија пациенти со висок ризик.
Јапонија ја продолжи вонредната состојба на три префектури во близина на Токио и западната префектура Осака.
Овие мерки и вонредната состојба поттикната од влошената состојба во Токио, четврта од почетокот на пандемијата, ќе трае до 31 август.
Вкупно 932.000 случаи на инфекција и повеќе од 15.000 смртни случаи се пријавени во Јапонија досега. Земјата сега се бори да ја спречи високо преносливата варијанта Делта.
Јапонија заостанува во вакцинацијата во споредба со другите развиени земји, особено кај помладите жители. Помалку од 30 проценти од населението прими две дози од вакцината.
Последните податоци од Токио покажаа дека речиси 70 проценти од болничките кревети за тешко заразени пациенти биле пополнети.