Јанукович: Одговорен што не го спречив државниот удар

Од:

Соборениот претседател на Украина Виктор Јанукович денеска изјави дека се чувствува одговорен поради тоа што не ги спречил политичките авантуристи со помош на надворешни сили да извршат државен удар.

– Целосно сум одговорен за тој период додека бев на чело на државата и можев да влијаам на одлуките, изјави Јанукович во интерју за рускиот весник „Аргументи и факти“, додавајќи дека на 22 февруари, кога е извршен ударот, немало граѓанска војна, на време и во целост биле исплаќани пензии и плати, доларот вредел 8,8 гривни, Крим бил во состав на Украина, а во регионот на Донбас не биле убивани луѓе.

Јанукович нагласи дека немал намера да ги растура насобраните на Плоштадот Мајдан. – Да го сакав тоа, вечерта на 19 февруари безбедносните сили ќе ги растуреа групите. Сепак, мене ми беше важно да се изнајде компромис и да се зачува земјата, изјави тој, додавајќи дека тоа време го минал во разговори со опозициските лидери, по што бил постигнат договор за примирје, пренесува Танјуг.

– Сепак радикалните групи на плоштадот веднаш ги отфрлија сите обиди за примирје, изјави тој, нагласувајќи дека истовремено нагло се зголемил бројот на вооружени радикали и пресрелки со силите за безбедност.

До 20 февруари во Киев загинаа 20 полицајци, а 130 се повредени. – Тие не беа цел на огнено оружје и молотови коктели за Јанукович, туку за законот, редот, мирот, за Украина, истакна Јанукович.

Поранешниот украински претседател ги отфрли обвиненијата дека учествува во финансирањето на самопрогласените Доњецка и Луганска народна република во Источна Украина. Претходно началникот на Службата за безбедност на Украина Валентин Наливајченко го обвини Јанукович и неговите соработници дека ги финансираат вооружените сепаратисти во Источна Украина. – Тоа е цинична лага, изјави Јанукович, советувајќи го Наливајченко и неговите колеги да размислат за легалноста на своите постапки и неизбежните последици, бидејќи рацете им се до половина во крв.

Јанукович, исто така, ги отфрли обвиненијата за вмешаност во корупција. – Ниту јас, ниту моите синови не сме вклучени во корупциски акции. Не е случајно што досега ниту новата украинска власт не го докажа тоа, бидејќи такви факти нема, нагласи тој, додавајќи дека нема сметки во странство.

Минаа месеци и ниту една држава не потврди дека имам такви сметки, истакна Јанукович.

Откако кон крајот на ноември минатата година украинската Влада на Никола Азаров соопшти дека ги прекинува подготовките за потпишување на договорот за асоцијација со ЕУ, во Киев почнаа акции и протести што прераснаа во судири со полицијата.

Јанукович на 22 февруари годинава беше сменет од Врховната рада, по што тој ја напушти земјата. Од тогаш сменет е Уставот на Украина и одржани се претседателски избори на кои победи Петро Порошенко.

Би можело да ве интересира

Смирнов ја повика Русија да отвори истрага против Зеленски за тероризам

Кулеба: Повеќе од половина од енергетскиот систем на Украина е оштетен во нападите на руските сили

Литванија е сомнителна кон Украинците мобилизирани од странство: Тие ќе се предадат или ќе дезертираат

Руски проектили ја погодија железничката инфраструктура во Харков, најмалку една жртва

(ВИДЕО) Вреќа со компир му го спаси животот на руски војник од украински дрон „камиказа“

Руската армија ја презеде контролата над Новобахмутовкa