Јамајка „продолжува понатаму“ без британската империја

Од:

Јамајка „продолжува понатаму“ и ја прифати својата судбина како независна држава, изјави премиерот на овој остров, Ендрју Холнес на средбата со британскиот принц Вилијам.

Холнес ја нарече тридневната посета на принцот Вилијам на островот како можност да се разговара за „нерешени прашања“.

Посетата на член на британското кралско семејство беше придружена со протести поради британското колонијално владеење обележано со трговија со робови. Затоа демонстрантите бараат репарации од Лондон.

Во главниот град на Јамајка, Кингстон, Вилијам изрази „жалење“ поради улогата на Британија во трговијата со робови.

– Сакам да го изразам моето длабоко жалење. Ропството беше одвратно и никогаш не требаше да се случи, истакна принцот, нарекувајќи го „злосторство што засекогаш ќе ја оцрнува британската историја“.

Стотици илјади африкански робови беа донесени на Јамајка за време на британското владеење за да работат таму во нехумани услови на огромни плантажи.

Вилијам нагласи дека неговата баба, кралицата Елизабета Втора, била „длабоко сочувствителна“ кон Јамајка и го слави придонесот на јамајканската дијаспора во Британија.

Холнес, пак, рече дека транзицијата на неговата држава кон републикански модел е прашање на време.

– Неизбежно ќе тргнеме напред и ќе станеме република, што ќе биде исполнување на волјата на народот на Јамајка и нашите амбиции да бидеме независна, развиена и просперитетна земја, напиша премиерот Холнес по средбата со Вилијам.

Јамајка е една од 15-те држави предводени од кралицата Елизабета Втора. „Заминувањето“ на Јамајка би следело по одлуката на карипската држава Барбадос, која се прогласи за република во ноември минатата година. Таткото на Вилијам, Чарлс присуствуваше на таа церемонија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Повеќето Британци сакаат да се вратат во ЕУ

Канада и Британија воведоа санкции кон Белорусија по претседателските избори

Британија ќе го следи рускиот брод во близина на нејзиниот брег

Британскиот адмирал: На чекор сме од нуклеарен армагедон

Хели: Не треба да постои страв од реториката на Путин

Повеќе од 35.000 мигранти пристигнаа во Велика Британија оваа година