Извештај: Слободата на печатот во Европа е кревка како никогаш досега по крајот на Втората светска војна

Од:

Слободата на печатот во Европа е кревка како никогаш досега по крајот на Втората светска војна, се наведува во заклучокот на Извештајот што денеска го објавија 12 партнерски организации на Платформата на Советот на Европа за промоција на заштитата на новинарството и за безбедност на новинарите.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, Извештајот насловен „Загрозена демократијата” ги анализира прекршувањата на слободата на медиумите забележани од Платформата во текот на 2018 година и дава јасна слика за влошената медиумска средина низ Европа, во која новинарите се повеќе се соочуваат со опструкции, непријателство и насилство додека истражуваат и работат во име на јавноста.

Во 2018 година, 12-те партнери од Платформата – меѓународни новинарски и медиумски организации, како и групите за застапување на слободата на изразување – регистрирале 140 сериозни прекршувања на слободата на медиумите во 32 земји-членки на Советот на Европа.

Овој преглед на прекршувања покажува јасна слика која е во спротивност со гаранциите содржани во Европската конвенција за човекови права. Неказнувањето на „злосторствата“ врз новинарите станува „нова норма”. Правните заштитни мерки за критичко, истражувачко известување се ослабени офлајн и онлајн. Просторот за печатот за контрола на властите и другите сили се намали, се наведува во Извештајот.

Во документот се нотирани убиствата на новинарот Јан Куцијак и на неговата девојка Мартина Кушниева во Словачка и на Џамал ​​Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, како само дел од 35-те случаи на напади врз физичката безбедност и интегритетот на новинарите.

Сериозните закани по животот на новинарите двојно се зголемија и беа проследени со силен пораст на вербалната злоупотреба и јавната стигматизација на медиумите и новинарите во земјите членки на Советот на Европа, се посочува во Извештајот.

– Сега е потребно итното дејствување поддржано од решително манифестирање на политичка волја од страна на земјите членки на Советот на Европа за да се подобрат страшните услови за слободата на медиумите и да се обезбеди сигурна заштита за новинарите во законот и праксата, се предупредува во Извештајот.

Целта на Платформата, базирана на договорот од 2015 година помеѓу Советот на Европа и партнерските организации, е да го поттикне дијалогор со земјите членки и да ги забрза правните лекови за прекршувања и недостатоци во заштитата за слободно и независно новинарство.

Платформата на партнери ги повикува државите кои ги наметнуваат најстрогите ограничувања на активностите на новинарите и слободата на изразување да ги вратат гаранции за владеење на правото, да се откажат од обвиненијата против новинарите и да ги ослободот затворените медиумски работници, како чекор кон враќање на безбедна и поволна средина за функционирање на независни медиуми.

Покрај ова, од земјите членки на Советот на Европа се бара да ги укинат законите за криминализирање на медиумите, да ја прекинат праксата на произволното извршување на овластувањата од страна на извршната власт и регулаторите и да ги ​​преземат неопходни чекори за да се воспостави структура на медиумска регулација и сопственост, која ќе ги заштити плурализмот и слободата на медиумите.

Партнерите на Платформата ги повикуваат сите држави да одговорат целосно и со добра волја за сите посочени случаи и да преземат ефикасни мерки во законот и во пракса за да ги отстранат заканите за безбедноста на новинарите и медиумите.

Од Македонија во Извештајот е наведен случајот со нападот врз Марјан Стаменковски од 2015, но како и земја од која дојдоа предупредувања за законодавни или административни мерки. Македонија е меѓу десетте земји која пружила одговор во 70 отсто од пријавените случаи.

Платформата на Советот на Европа беше лансирана во април 2015 година за да обезбеди информации кои можат да послужат како основа за дијалог со земјите членки за можни заштитни или корективни мерки. Додека голем број земји членки одговориле на реагирањата во 2018 година, пет држави одбиле да одговорат на какви било известувања, вклучувајќи ги и оние кои се оденсуваат за многу сериозни прекршувања на слободата на медиумите.

Дванаесетте партнери на Платформа се Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), Асоцијацијата на европските новинари (АЕЈ), организацијата Член 19, Репортери без граници (РСФ), Комитетот за заштита на новинарите, Индекс за цензура, Меѓународниот институт за печат (ИПИ), Меѓународниот институт за безбедност на вестите (ИНСИ), Рори Пек Траст, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и ПЕН Интернационал.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани