Израелската полиција денеска соопшти дека уапсила две лица откако со автомобил удриле во тројца пешаци во Ерусалим, при што биле полесно повредени.
Полицијата соопшти дека двајцата осомничени биле пронајдени откако побегнале од местото и се сокриле во близина , пренесе АП.
Видеото од инцидентот, снимено од сообраќајна камера и емитувано од израелските медиуми, покажува како автомобил удира во група од тројца ултраортодоксни Евреи. Сите три лица се повредени и се во стабилна состојба.
Израелската полиција соопшти дека нападот во Ерусалим бил терористички чин. Според полицијата, откако со автомобил ги удриле минувачите, терористите се обиделе да отворат оган со импровизиран автомат „Карло“, кој се заглавил. После тоа, напаѓачите го фрлиле оружјето и се оддалечиле од местото на настанот.
Денешниот напад е последен што ги погоди израелските градови и населени места по избувнувањето на војната против Хамас на 7 октомври.