Израелската воена авијација за едно деноноќие извршила 210 напади врз цели на Хамас во Појасот Газа. Само во изминатата ноќа биле извршени над 50 напади, изјави армиски портпарол.
Меѓу целите се 81 објект користени за истрелување ракети врз Израел, тунели, контролни и командни пунктови на палестинското исламистичко движење.
Армискиот портпарол нагласи дека пред ударите локалните жители добиле наредба да се евакуираат и оти подготовката за копнена операција продолжува. До моментот, мобилизирани се 33.000 резервисти кои ќе заменат војници од Северниот и Централниот воен реон за да можат тие да бидат распоредени во реони на Појасот Газа.