Израелската армија денеска соопшти дека спроведува операција против терористи, вклучително и воздушен напад во градот Џенин на Западниот Брег.
Истовремено, палестинските власти соопштија дека загинале пет лица, пренесе агенцијата АП.
Израелските војници ја опколија зградата во која терористите се забарикадираа и дојде до размена на оган, а воздушен напад погоди неколку вооружени терористи во областа, соопшти армијата.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека загинале пет лица, но не даде информации за нивниот идентитет.
Судирите во Џенин, познато упориште на екстремистите, доаѓаат еден ден откако израелската група за набљудување против населувањето соопшти дека владата планира да изгради речиси 5.300 нови домови во населбите на окупираниот Западен Брег.
Градежните планови откриени од групата „Мир сега“ се дел од напорите на владата да ги зајакне населбите како дел од стратегијата за консолидирање на израелската контрола над Западниот Брег за да се спречи формирањето на идна палестинска држава, наведува АП.
Палестинците бараат независна држава која би ги вклучила Западниот Брег, Источен Ерусалим и Газа, области заземени од Израел во војната на Блискиот Исток во 1967 година.
Преговорите за прекин на огнот се оживеани по застојот во последните недели, според АП.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху соопшти дека тој испраќа преговарачи да ги продолжат разговорите, еден ден откако Хамас им го даде на посредниците најновиот одговор на предлогот за мировен договор поддржан од САД.
Заживувањето на преговорите беше обележано и со уште еден обид на американските, катарските и египетските посредници да го надминат јазот што постојано го попречуваше постигнувањето договор во последните месеци.
Хамас сака договор што ќе обезбеди целосно повлекување на израелските трупи од Газа, завршувајќи ја војната, додека Нетанјаху вели дека војната не може да заврши додека Хамас не биде елиминиран.
Денеска израелските преговарачи доаѓаат во катарската престолнина Доха на разговори со американски, катарски и египетски посредници, пренесува Танјуг.