Израел располага со 80 нуклеарни боеви глави и потенцијал двојно да го зголеми нивниот број, покажува најновиот извештај на американски експерти, на кој се повикува Лос Анџелес тајмс.
Експертите за ширење на нуклеарното оружје Ханс М. Кристенсен и Роберт С. Норис, тврдат дека Израел престанал со производство на нуклеарни боеви глави во 2004 година.
Сепак, земјата поседува доволно материјал за дополнителни 115 до 190 боеви глави, што значи дека би можела двојно да го зголеми својот нуклеарен арсенал, пишува весникот.
Според податоците од извештајот за 2013 година на Меѓународниот мировен истражувачки институт во Стокхолм, Израел располага со 50 нуклеарни боеви глави за балистички ракети со среден дострел и 30 за бомби носени од авион.
Израел никогаш нема официјално признаено дека поседува нуклеарно оружје, ниту пак капацитет за негово производство. Тел Авив се држи до стратегијата на двосмисленост, односно ниту го потврдува, ниту ги одрекува извештаите за нуклеарниот арсенал на земјата.