Изложба во Рим посветена на Мајка Тереза

Од:

Изложбата „Мајка Тереза од Калкута, икона на милосрдието“ ќе биде отворена на 19 октомври во криптата на базиликата „Св. Антоние Латерански“ во Рим, токму на годишнината од нејзината беатификација.

На изложбата ќе биде презентирано детството и младоста на скопјанката Гонџа Бојаџиу. Ќе бидат изложени фотографии од нејзиното семејство, пријателите и од родното Скопје од почетокот на 20 век. Фотографии од овој период ќе бидат изложени на 149 панели, на кои ќе бидат илустрирани и текстови од Спомен-куќата на Мајка Тереза. Оваа институција ќе презентира 54 фотографии. Изложбата ќе содржи и артефакти, лични предмети, реликвии и документи на Мајка Тереза, кои се дел од фундусот на „Центарот на Мајка Тереза“ во Рим и кои ја прикажуваат нејзината мисионерска работа. Комесар на изложбата е Андриана Јелиќ од Спомен-куќата на Мајка Тереза, а организатор и координатор е д-р Антонела Виали од Рим.

– Реализацијата на изложбата „Мајка Тереза од Калкута, икона на милосрдието“ ја отсликува одличната соработка меѓу Националната установа „Спомен куќа на Мајка Тереза“ од Скопје и „Центарот на Мајка Тереза“ во Рим. Овој настан е и потврда за традиционално добрите културни врски на Република Македонија со Светата столица и Република Италија. Потврда на сето она што нашата земја го прави на планот на меѓународното културно претставување, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешната прес-конференција.

Оваа изложба, како што рече, е дел од Годишната програма на Министерството за култура, кое редовно ги поддржува проектите на Спомен-куќата на Мајка Тереза, и во Македонија и надвор од неа.

Министерката за култура истакна дека во седиштето на Католичката црква, освен оваа изложба за нашата најпозната сограѓанка, ќе бидат презентирани и „Спомен-куќата на Мајка Тереза“, градот Скопје и Република Македонија. Таа најави дека на отворањето на изложбата е потврдено присуство на многу значајни гости од Ватикан и почитувачи на делото на Мајка Тереза.

– Поставувањето на изложбата во базиликата „Св. Антоние Латерански“ во Рим е уште потврда на нашите заложби да ја продолжиме мисијата на Мајка Тереза, да се сеќаваме на неа. И во иднина ќе продолжиме да реализираме низа проекти со кои ќе се навраќаме на сето она што ни го даруваше големата добротворка Мајка Тереза. Нејзиниот спомен ќе го негуваме со посебна почит, затоа што единствено на тој начин ќе се здобиеме со правото да бидеме дел од традицијата и високите морални вредности на македонското наследство, потенцира Канческа – Милевска.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Република Македонија Киро Стојанов истакна дека Спомен-куќата на Мајка Тереза, отворена благодарение на Владата и на Министерството за култура, одигра голема улога во осветлувањето на ликот на блажената мајка Тереза.

Изложбата „Мајка Тереза од Калкута, икона на милосрдието“ ќе биде отворена до 4 ноември годинава.

 

Би можело да ве интересира

Се урна лифт во станбена зграда, повредени две жени и три деца во Палермо

Откриена е мафијашката мрежа Камора и Коза Ностра, една трага води до Балканот

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

ВИДЕО: Поплави, свлечишта, затворена железница и училишта во Италија

(ВИДЕО) Израел ги налути сојузниците: Престанете да пукате на силите на Обединетите нации

Катерина Ѓуровски