Речиси 40 отсто од британските семејства нема да можат да одржат пристоен животен стандард до 2024 година, кога ќе се одржат следните редовни општи избори во Велика Британија, пренесе ДПА повикувајќи се на проценка на економисти.
До декември 2024 година, околу 30,6 милиони луѓе нема да можат да си дозволат основни работи, меѓу кои и храна, покажа анализа на Фондацијата New Economics (NEF).
Тоа значи 12,5 милиони домаќинства, или 43 отсто од британските семејства, и зголемување од 12 отсто во однос на времето од последните избори во 2019 година, кога пристоен животен стандард не беа во можност да одржат 8,9 милиони луѓе распределени во 3,6 милиони семејства.
Следните редовни парламентарни избори во земјата мора да се одржат најдоцна до јануари 2025 година.
Оценката NEF се заснова на стандардот за минимален приход пресметан од Центарот за истражување на социјалната политика на Универзитетот Лафборо.
Тоа го одразува нивото на приход потребен за одржување на „прифатлив животен стандард“ за различни типови на семејства во даден временски период.
Оние 12,5 милиони семејства кои до декември 2024 година, според проценките на економистите нема да можат да си дозволат да водат пристоен живот, вклучуваат 88 отсто од сите самохрани родители и 50 отсто од сите семејства со деца во кои работат родителите, додава НЕФ.
Извор: МИА