Врховниот суд на Исланд му нареди на исландскиот партнер на американските гиганти за платежни картички „Виза“ и „МастерКард“ да го повлечат блокирањето на прилозите за интернет сајтот Викиликс, пренесоа светските агенции.
Одлуката на пониската судска инстанца беше донесена уште во јули минатата година и сега Врховниот суд ја потврди.
Исландското друштво „Валитор“ има рок од 15 дена за да го обнови прифаќањето прилози за Викиликс, а во спротивен случај ќе мора да плаќа казна од по 800.000 круни (5.200 евра) дневно.
„Виза“ и „МастерКард“ го блокираа прифаќањето прилози за Викиликс, откако сајтот на Џулиан Асанж ги објави доверливите документи за војните во Ирак и Авганистан и тајните американски дипломатски депеши.