Иранскиот печат и социјалните мрежи денеска се преполни со критики за пратениците, обвинувајќи ги дека се за потсмев, бидејќи се насобрале околу шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, за со неа да направат селфи, пренесоа француските медиуми.
Могерини во саботата присуствуваше на положувањето заклетва на иранскиот претседател Хасан Рохани во Парламентот. На фотографиите се гледаат групи ирански пратеници кои се туркаат околу неа за да направат селфи.
„Ценети пратеници, Ви благодарам што натеравте 80 милиони лица да се срамат од нас“, на Твитер коментираше корисник на оваа социјална мрежа, имајќи ја предвид бројноста на иранското население.
Други корисници на Твитер ги наредија една до друга фотографиите на насобраните пратеници околу Могерини и сцената во која седумте џуџиња се собрани околу заспаната Снежана.
„Селфи фотографии на уништувањето“, коментираа други корисници на интернет.
Овој случај „го покажува недостигот на добро воспитување во земјата“, се наведува во редакцискиот коментар на реформаторскиот весник „Ганун“.
Ултраконзервативниот весник „Кајхан“, пак, изрази жалење што „луѓето, од кои се очекува да ги бранат правата на нацијата од непријателите, се редат за да се сликаат на ваков навредлив начин“.
Еден од посочените пратеници се извини за својата нетактичност.
Могерини не ја коментираше полемиката.