Иранските власти денеска соопштија дека ќе се вратат во Виена само за да го финализираат нуклеарниот догвоор со светските сили, но не и за понатамошни преговори. Техеран тврди дека последните чекори зависат од Вашингтон, пренесува Франс24.
Техеран е вклучен во долготрајни преговори во австриската престолнина за заживување на договорот, познат формално како Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA). Во преговорите директно учествуваат Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија, а САД индиректно.
– Нема да одиме во Виена за нови преговори, туку за финализирање на нуклеарниот договор, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Саид Хатибзадех во Техеран.
Сепак, Иран соопшти дека сè уште има отворени прашања за кои чека Вашингтон да ги реши.
– Во овој момент се уште немаме дефинитивен одговор од Вашингтон, рече Хатибзаде. Доколку Вашингтон одговори на отворените прашања, можеме да одиме во Виена што е можно поскоро, потенцираше тој.
Говорејќи на својата неделна прес-конференција Хатибзаде рече дека сегашниот прекин на преговорите во Виена е бидејќи нема политичка одлука на САД за ова прашање.
JCPOA даде олеснување на санкциите на Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма за да гарантира дека Техеран нема да може да развие или да се стекне со атомска бомба – нешто што Техеран отсекогаш негирал дека сака да го направи, пренесува иранската новинаска агенција ИРНА.
Но, едностраното повлекување на САД од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп, кој повторно воведе строги економски санкции го натера Иран да почне да се повлекува од своите обврски.
Преговорите во Виена имаат за цел да ги вратат САД во нуклеарниот договор, вклучително и преку укинување на санкциите кон Иран, и да осигураат дека Техеран во целост ги исполнува своите обврски. Иранската и американската делегација во Виена не комуницираат директно, туку преку другите учесници и Европската унија, координатор на разговорите.
Речиси една година преговори ги доведоа страните блиску до обновување на договорот од 2015 година. Но, разговорите беа прекинати минатиот месец, откако Русија побара гаранции дека западните санкции воведени по нејзината инвазија на Украина нема да ја оштетат нејзината трговија со Иран.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров подоцна изјави дека Москва ги добила потребните гаранции од Вашингтон за трговијата со Иран.
Меѓу клучните спорни точки е барањето на Техеран да го отстрани од американската терористичка листа Корпусот на Исламската револуционерна гарда, идеолошкиот огранок на иранската војска. Вашингтон неодамна потврди дека санкциите за Националната гарда ќе останат во сила и во случај да биде склучен нов нуклеарен договор.
Извор: МИА