Иран денеска соопшти дека разговорите со светските сили во Виена за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година се „комплексни и тешки“, но не западнале во ќорсокак.
– Преговорите се сложени и тешки, бидејќи достигнаа до клучни прашања за кои се потребни сериозни политички решенија, особено од Вашингтон, рече на прес-конференција портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Хатибзаде.
– Но, во Виена нема ќорсокак, додаде тој.
Иран преговара со Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија директно и со САД индиректно за да го оживее договорот познат како Заеднички сеопфатен акционен план.
Согласно договорот, на Техеран ќе му бидат олеснети санкциите во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма.
Но, САД еднострано се повлекоа од Договорот во 2018 година за време на Доналд Трамп и повторно воведоа остри економски санкции, што го натера Техеран да се откаже од своите обврски.
Обидите да се спаси нуклеарниот договор од 2015 година продолжија кон крајот на ноември минатата година.
– Доколку американската и европската страна покажат вистинска решителност, во Виена може многу брзо да биде постигнат договор, рече Хатибзаде.
– Потребни ни се објективни гаранции за да се увериме дека САД нема уште еднаш да го напуштат договорот и дека ќе ги почитуваат своите обврски, додаде тој.
Целите на разговорите се САД да се вратат на договорот со укинување на антииранските санкции, а Иран да се врати на целосно почитување на преземените обврски од договорот.
Извор: МИА