Иран ја затвори границата кон Ирачки Курдистан, како одговор на референдумот за независност на овој автономен регион во северен Ирак одржан на 25 септември, јавија денеска иранските медиуми.
Ваквата одлука на Техеран следува откако минатиот месец, неколку дена по референдумот, Иран ги прекина сите летови од и кон аеродромите во Ирачки Курдистан и спроведе воени вежби близу границата со регионот.
Најавата за затворање на границата доаѓа откако денеска иранскиот генерал-мајор Касем Солејмани пристигна во Ербил, во мисија да посредува за отпочнување на преговори за надминување на кризата меѓу курдските регионални власти и централната Влада во Багдад, предизвикана со одржувањето на референдумот.
Солејмани е командант иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда, задолжен за задгранични операции, кои опфаќаат обука и доставување оружје на ирачките шиитски паравоени групи, кои ја поддржуваат Владата во Багдад.
Според западни извори, Солејмани е и воен советник на ирачката Влада и лани учествувал во операцијата на Вооружените сили на Ирак за ослободување на градот Фалуџа од групата Исламска држава.
Солејмани се наоѓа на листата на ОН на лица на кои им е забрането да го напуштат Иран.