Иран почна со збогатување на ураниум со трета серија напредни центрифуги IR-2 m во неговиот подземен објект Натанц, изјави пред земјите-членки набљудувачот на ОН за нуклеарната програма на земјата и додаде дека со тоа продолжува да го крши нуклеарниот договор на Техеран со големите сили од 2015 година.
Техеран почна да ги крши ограничувањата откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година и ги врати санкциите против Иран.
Намерата на интензивирањето на кршењето на условите од договорот е да се зголеми притисокот врз наследникот на Трамп, Џо Бајден, коментираат светските агенции. Новиот претседател на САД сака да го оживее договорот, но Вашингтон и Техеран се во расправија околу тоа кој прв да направи отстапка.
Договорот му овозможува на Иран да збогатува ураниум само со првата генерација на центрифуги ИР-1 во подземната фабрика ФЕП во Натанц. Иран почна да збогатува во ноември со првата серија на IR-2 m машини кои се далеку поефикасни.
– На 7 март 2021 година, Агенцијата потврди на ФЕП дека Иран почнал да внесува природен UF6 (ураниум хексафлуорид) во третата каскада од 174 IR-2 m центрифуги, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„Четвртата каскада центрифуги 174 IR-2 m е поставена, но сè уште не е исполнета со природен UF6, во тек е инсталацијата на петтата каскада со центрифуги IR-2 m и инсталацијата на шестата каскада IR-2 m центрифугите допрва треба да почне, се додава во документот.
Ураниум збогатен на ниво од 90 проценти може да се искористи за производство на атомско оружје.