Десет години по паѓањето на режимот на Садам Хусеин и расформирањето на армијата, Ирак повторно пројавува интерес на пазарот на оружје каде треба да се потрошат 16,4 милијарди долари државни пари.
Багдад сега е клиент на истите фирми кои во 2003 година доставуваа оружје за нападите во Ирак, јавуваат западни медиуми. Ирачката армија беше расформирана по објавувањето за крај на воените дејствија во Ирак на 1 мај 2003 година од страна на тогашниот американски претседател Џорџ Буш. Со тек на времето, армијата се преструктуира, но се уште не е добро вооружена.
– Ирачката армија почна од нула. Имаат потреба од огромно количество техника, објасни генерал Бабакер Зебари, началник на ГШ на ирачката армија кој ја посети изложбата на оружје во Багдад. Според Министерството за одбрана, 54 компании од 13 држави учествувале на таа презентација на оружје.
– Ирачкиот пазар процветува или најмалку тоа е пазар кој ќе продолжи да купува со исто темпо, и кое во иднина ќе биде и поголемо, вели Крис Кинг од британската компанија Би-Еј-И-Системс.
На презентацијата на оружје во Багдад компании за изработка на воени авиони ги презентираа способностите и карактеристиките на своите летала, по нарачката на Ирак за 36 американски ловци Ф-16. И покрај тоа што САД завршија со повлекувањето од Ирак во 2011 година, САД остануваат прв извозник на оружје за Ирак.
Русија исто така очекуваше да земе челно место во списокот, но големите договори за оружје за 4,2 милијарди долари беа поништени со Москва во ноември заради сомневања за корупција.
Официјално, оружјето треба да служи на државата за заштита на границите и за гарантирање поголема безбедност, според Владата на Нури ал Малики.