Ирачките политичари одобрија план, со кој земјата ќе го добие првиот национален парк. Изборот падна на Едемската градина, место каде според Библијата живееле Адам и Ева.
Тоа подрачје го населуват голем број загрозени растителни и животински видови, поради што ирачките власти одлучиле и официјално да го заштитат тој предел.
Откако Садам Хусеин на почетокот на ’90-те со одвојувањето на Тигар и Еуфрат речиси целосно го уништи екосистемот на тоа непрегледно мочуришно подрачје, се сметаше дека непроценливото природно богатство е уништено.
Меѓутоа на сеопшто изненадување на научниците, сите видови кои со текот на годините го напуштиле тоа подрачје, досега се вратиле, вклучувајчи 278 различни видови на ретки птици.
Азам Алваш, основач и претседател на здружението „Nature Iraq“ смета дека оваа вест е од големо значење за Ирак, но и за целокупната планета.
– Фактот дека бевме подготвени да одвоиме дел од нашата земја и да ја посветиме на природата претставува најубав можен чекор напред, тврди Алваш.