Ирачките власти во изминатиот месец ослободиле 3.000 затвореници со цел да ги задоволат барањата на демонстрантите во деловите на земјата со мнозинско сунитско население.
Потпретседателот на владата Хусеин ал Шахристани изјави дека, освен тоа, сите притворени жени се префрлени во затвори во своите провинции.
Притворањето сунити и лошиот однос кон сунитските жени во затворите се меѓу најважните прашања на кои укажуваат сунитските демонстранти на протестите кои почнаа кон крајот на минатата година.
Шахристани нагласи дека во ирачките затвори има околу 30.000 лица, вклучително осудените за извршени кривични дела и притворени лица без обвинение.
Според него околу 17.000 лица се осудени или обвинети за кривични дела кои не се тероризам. Од останатите 13.000, околу 6.000 луѓе се осудени за тероризам, а останатите се обвинети или се уште не се покренати обвиненија за тероризам.