Ирачкиот претседател Бархам Салих денеска одби за премиер да именува кандидат од пратеничката група во Парламентот која го поддржува Иран, истакнувајќи дека побрзо ќе поднесе оставка отколку да именува некој што нема да биде прифатен од демонстрантите.
Салих во соопштение наведе дека е подготвен да поднесе оставка до Парламентот, бидејќи Уставот не му дозволува да одбие кандидат за премиер.
Масовните протести во Ирак почнаа на 1 октомври поради нискиот животен стандард и лошото функционирање на јавните служби. Повеќето демонстранти се млади луѓе кои бараат реформа на политичкиот систем, за кој тврдат дека е длабоко навлезен во корупција и го држи населението во сиромаштија. Досега во протестите загинаа повеќе од 450 лица.