Ирачкиот премиер, шиитот Нури ал Малики, предупреди дека нема до бесконечност да ги толерира сунитските антивладини протести, но направи мала отстапка пред нивните барања, ветувајќи дека ќе ослободи некои затворенички.
Илјадници сунити протестираа низ улиците на Ирак повеќе од една недела, посебно во западната провинција Анбар, каде беше блокирана важна сообраќајница кон Јордан и Сирија.
Малики истакна дека зад „антиуставните протести“ стојат странски интереси.
– Немој да мислите дека на Владата и е тешко да преземе мерки против вас, повторно да го отвори патот и да стави крај на сето ова. Бевме многу трпеливи со вас, но не очекувајте тоа да продолжи вечно, им порача Малики на оние кои ги следат странските интереси.
Истовремено, сунитскиот духовен лидер Халед ал Мула, кој учествува во преговорите меѓу демонстрантите и Владата, потврди дека ирачкиот премиер отстапил само по едно барање и ветил специјална амнестија за сите жени со криминални обвиненија. Нивниот број е 700 од вкупно 920 жени во ирачките затвори.