Индонезиската морнарица од минатиот декември почна сериозна пресметка со странски бродови што ловат илегално во нејзините територијални води и на оваа островска држава и прават штети од над 2 милијарди долари.
По опомената дека ќе бидат потопувани бродови што ловат илегално, заканата е остварена против три брода од Виетнам, по два од Тајланд и Папуа Нова Гвинеја и еден од Малезија.
Денеска во Џакарта е објавено дека слична судбина ги чека и десетина рибарски бродови од Кина, фатени во илегален лов, или прекршување на договорот за рибарење меѓу Кина и Индонезија, потпишан во 2013 година. Покрај девет помали кинески рибарски бродови, судска пресуда за евентуално потопување чекаат сопствениците и морнарите од бродот Хаи Фа, кој има носивост од 4.600 тони. Кога интервенирала индонезиската морнарица, на 27 декември лани, на бродот имало над 900 тони смрзнати риби и ракови и 66 тони ајкули.
Поради непочитувањето на правилата од меѓудржавната спогодбата за рибарање, Индонезија го суспендира овој договор, а Пекинг е официјално известен дека во следните акции на индонезиската морнарица на местото каде што се фатени во криволов ќе бидат потопувани и бродовите што пловат под кинеско знаме.