Џихадистичката група Исламска држава (ИД) испорачува половина од вкупното количество на хероин, кое е присутно на европскиот пазар, изјави денеска директорот на руската Федерална служба за контрола на циркулирање на дрогата, Виктор Иванов.
На состанокот на Координативниот совет на Организацијата за колективна безбедност и соработка, која во 1992 година ја основале членките на поранешниот СССР во Москва, Иванов нагласи дека алармантниот резултат од 13 години воена интервенција на НАТО во Авганистан е појавување на добро организирани антивладини вооружени формации со над половина милион припадници.
Од една страна, овој вооружен контингент е логично вклучен во многу профитабилно производство на дрога и нејзин меѓународен транзит, а од друга страна служи како извор за регрутирање платеници во регионалните судири во Централна Азија и на Блискиот исток.
– Очевидно е дека без спречување на масовното авганистанско производство на наркотици, вооружените судири на овие простори не можат да се решат, додаде Иванов.