Шведска ќе го поддржи поранешниот луксембуршки премиер Жан-Клод Јункер како нов претседател на Европската комисија, јави дописникот на МИА од Гетеборг. Со тоа Велика Британија би можела да остане како единствена земја-членка на ЕУ која се спротивставува на назначувањето на Јункер како наследник на Жосе Мануел Баросо.
– Доколку Жан-Клод Јункер успее да собере мнозинство од шефовите на држави или влади и едновремено добие поддршка од страна на Европскиот парламент, тогаш ќе можеме да констатираме дека правилата на Лисабонскиот договор биле почитувани и тогаш нашата Влада би била подготвена, и Шведска да се приклучи кон таквото мнозинство, рече шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд пред членовите на парламентарниот ЕУ-совет во Стокхолм во пресрет на денешниот ЕУ-самит во Брисел.
Рајнфелд доби поддршка за својата линија која ја образложи во ЕУ-советот во шведскиот Парламент-Риксдаг, при што потпретседателката на Советот, Мари Гранлунд, од редовите на социјалдемократската опозиција, рече дека нејзината партија е и понатаму критична кон Јункер, но не бара од Рајнфелд да гласа против неговиот избор, а што беше барање изнесено од страна на неколку други помали шведски парламентарни партии.
И Данска, каде што владината коалиција ја предводат социјалдемократите, го поддржува Јункер.
– Тој е одлична личност за да ги унапреди и поддржи данските интереси, рече вчера данската премиерка ХелеТорнинг-Шмит пред ЕЕ-одборот во данскиот Парламент, која, инаку, се споменува како еден од кандидатите со најголеми шанси да ја преземе функцијата на постојаниот претседавач на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј.