Одлуката на шпанскиот Уставен суд привремено да забрани одржувањето на референдум за самостојност на Каталонија, предизвика протести во Барселона, а локалната влада најави дека ќе продолжи со правната битка за независност.
Уставниот суд вчера ја суспендираше одлуката на каталонските власти на 9 ноември да одржат референдум за независност, а забраната ќе биде во сила се додека Уставниот суд не даде конечен одговор на барањето на централните шпански власти да се забрани гласањето во Kаталонија.
Каталoнското Собрание воедно денеска ги повика граѓаните на протести во Барселона, барајќи на 9 ноември сепак да се одржи рефендумот, кој беше најавен како неофицијална проверка на волјата на граѓаните.
Каталонската левица која ја ужива довербата на мнозиството граѓани најави дека ќе повика на граѓанска непослушност, „токму како и Мартин Лутер Кинг“, доколку на Каталонците не им биде дозволено да гласаат.
Ситуацијата во најбогата шпанска покраина со 7,5 милиони жители би можела да доведе до предвремени парламентарни избори во Каталонија, на кои најгласните поборници за независност би биле во предност.