Новиот претседател на Иран, Хасан Рохани изјави дека планира да го реши спорот со Западот за иранската нуклеарна програма и изрази подготвеност да преговара за тоа прашање.
На првата прес-конференција по превземањето на претседателската функција во неделата, Рохани истакна дека решение може да биде постигнато „единствено преку преговори, а не со закани“.
Тој посочи дека загриженоста кај двете страни треба да биде елиминирана во блиска иднина, но САД треба да покажат „добра волја“ без „тајна агенда“.
– Ќе судам за САД не по нивните изјави, туку по реалните чекори и ќе дејствуваме во согласност со тоа, посочи Рохани.
Иранскиот претседател повтори дека Иран има неоспорно право да збогатува ураниум.
– Никој во Иран не кажал дека ќе го стопираме збогатувањето на ураниум. Никој никогаш не кажал такво нешто. Јасно е дека збогатувањето на ураниум е неоспорно право на Иран, истакна Рохани.
Тој најави и дека Техеран ќе ја продолжи соработката со Русија во сферата на нуклеарната енергетика, посебно за изградба на нови нуклеарни централи.
Рохани наведе и дека во интерес на Иран е да се намалат тензиите во регионот, посебно во Сирија.