Вчера во главниот град на Хаити Порт-о-Пренс избувна тешка престрелка, a водачот на една од најголемите банди вмешана во инцидентот зборуваше за координирани напади чија цел е да се собори од власт премиерот Ариел Анри.
Престрелки на Хаити се слушнаа во неколку населби низ главниот град, додека безбедносните сили се обидоа да ги одбијат напаѓачите кои целеа на полициски станици, полициска академија и други стратешки локации, како што е аеродромот.
Училиштата, универзитетите и разни јавни и приватни институции ги прекинаа своите активности, додека стотици луѓе се засолниле во своите домови.
Студентите на Државниот универзитет на Хаити беа земени како заложници пред да бидат ослободени, изјави деканот на Факултетот за земјоделство, Жозелин Луизант, за АФП. Најмалку еден студент бил застрелан во нападот, додаде таа.
Неколку авиокомпании ги откажаа своите домашни и меѓународни летови откако проектили погодија авиони и делови од аеродромскиот терминал Тусен-Ловертур.
Од атентатот на претседателот Џовенел Мојс во 2021 година, Хаити се соочи со сериозна политичка, безбедносна и хуманитарна криза, при што вооружените банди ја преземаа контролата врз поголемиот дел од земјата додека се зголемуваат убиствата. На власт од 2021 година, Ариел Хенри требаше да се повлече на почетокот на февруари.
„Денес објавуваме дека сите вооружени групи ќе дејствуваат за да го издејствуваат заминувањето на премиерот Ариел Хенри“, рече водачот на бандата Џими Шеризие во видео објавено на социјалните мрежи.
„Ќе ги искористиме сите стратегии за да ја постигнеме оваа цел. Ја преземаме одговорноста за сè што моментално се случува на улиците“, додаде тој.
Премиерот Ариел Хенри моментално е во Кенија, земјата која ќе ја предводи мисијата на ОН за помош на полицијата во борбата против бандите. ОН вчера соопштија дека пет земји го потврдиле учеството во оваа коалиција и тоа Бахамите, Бангладеш, Барбадос, Бенин и Чад.