Милијардерот Ханс Кристијан Раусинг, кој беше уапсен во врска со смртта на неговата сопруга Ева Раусинг, со одлука на судот во Лондон денеска е пуштен од притвор со кауција.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, Раусинг, кој беше формално обвинет за „попречување на законски предвидениот и достоинствен погреб“ на покојната сопруга, одново треда да се појави пред судот на 26 јули годинава.
Ева Раусинг беше најдена мртва на 9 јули во нивната куќа во луксузниот лондонски кварт Белгревија, но причините за нејзината смрт се уште не се откриени. Единствено се знае дека таа беше долгогодишен зависник од дрога, но и дека последнве години често боледувала.
На првото судско рочиште беше откриено дека нејзиното мртво тело било ставено во големи кеси за смет и добро завиткано со лепливи ленти. Полициската истрага претпоставува дека неколку дена, Ханс Раусинг живеел со мртвото тело на својата сопруга.
Телото беше сосема случајно откриено откако полицијата дојде да прави претрес во богаташката куќа трагајќи по дрога, откако Ханс Раусинг беше уапсен на 9 јули кога беше фатен како го вози својот автомобил дрогиран.
Ханс и Ева Раусинг беа наследници на големото семејно богатство во вредност од 6,5 милијарди фунти, што главно потекнува од шведската бизнис-империја „Тетра-Пак“. Само делот што и припаѓаше на оваа брачна двојка се проценува на четири милијарди фунти.