Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска на светските лидери им порача дека државите се „блокирани од колосална глобална дисфункција“ и не се подготвени или не сакаат да се справат со главните предизвици што ја загрозуваат иднината на човештвото и судбината на планетата.
На отворањето на годишното заседание на Генералното собрание на ОН, Гутереш посочи на војната во Украина, зголемениот број конфликти низ светот, вонредната состојба со климата, лошата финансиска состојба на земјите во развој и назадувањето во спроведувањето на целите на ОН, како што се елиминирањето на екстремната сиромаштија и обезбедување квалитетно образование за сите деца на планетата.
„Нашиот свет е во опасност… и парализиран“, рече Гутереш, но забележа дека се уште има надеж.
Истакнувајќи дека соработката и дијалогот се единствениот пат напред, тој предупреди дека „ниту една сила или група не може сама да ги реши работите“.
„Да работиме како едно, како глобална коалиција, како обединети нации“, ги повика Гутереш светските лидери собрани во пленарната сала на Генералното собрание.
Извор; МИА