Владејачката партија во Грузија денеска објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, со што практично ќе ја запре својата кандидатура за членство. Во соопштението владејачката партија Грузиски сон ја обвини ЕУ за „каскада на навреди“ и дека ги користи пристапните преговори за „уцена“ и „организирање револуција во земјата“.
„Одлучивме да не го ставаме на дневен ред прашањето за отворање на преговорите со Европската унија до крајот на 2028 година. Исто така одбиваме какви било буџетски средства од Европската унија до крајот на 2028 година“ велат оттаму.
Јужнокавкаската земја со население од 3,7 милиони го запиша својот пристап во Европската унија во својот устав и традиционално е најпрозападна од сите поранешни советски републики.
Грузиските односи со Брисел нагло се влошија во последните месеци. ЕУ претходно објави дека барањето за членство на Грузија е замрзнато. Анкетите покажуваат дека околу 80 отсто од Грузијците го поддржуваат членството во ЕУ и знамето на Европската унија се вее заедно со грузиското национално знаме на сите владини згради.
Грузиски сон уверува дека еден ден сака да се приклучи на Европската унија, но во изминатите години постојано се занимаваше со дипломатски спорови со Брисел и ги продлабочи односите со соседна Русија.
Претходно денеска грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави за новинарите дека членството во ЕУ може да и наштети на грузиската економија бидејќи Тбилиси ќе мора да ги откаже визните договори и трговските договори со други земји.
ЕУ и додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, но критикуваше одредени закони што ги турка Грузиски сон оттогаш, вклучувајќи ги законите за „странски агенти“ и правата на ЛГБТК, како авторитарни, инспирирани од Русија и бариери за членство.
Европскиот парламент донесе резолуција со која се бара поништување на изборите и нивно повторно распишување, како и воведување санкции против клучните функционери на Грузиски сон.