Групата Г-7 најави нови санкции за Русија

Од:

Групата Г-7 најразвиени држави во светот најави дека наскоро ќе воведе нови санкции против Русија, поради руските активности во Украина, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Одлуката доаѓа по вчерашните телефонски разговори на американскиот претседател Барак Обама со лидерите на Германија, на Велика Британија, на Франција и на Италија.

– Се договоривме дека ќе реагираме бргу и ќе воведеме дополнителни санкции за Русија. Имајќи ја предвид итноста од потребата да се обезбеди мирно и демократско гласање во Украина на претседателските избори следниот месец, посветени сме итно да дејствуваме за да се интензивираат точно насочените санкции и да се зголеми цената која Русија ќе ја плати за своите постапки. Руските постапки во Украина и одговорот од меѓународната заедница веќе и нанесоа значителна штета на руската економија, пишува во заедничкото соопштение на водачите на групата Г-7, каде и Русија до неодамна беше членка.

Од соопштението останува нејасно дали се работи за санкции кои ќе се однесуваат на цели сектори на руската економија, или ќе продолжи праксата да се таргетираат само поединци блиски до власта.

Во соопштението се наведува дека санкциите ќе бидат точно насочени, но подоцна се вели дека Г-7 подготвува и пошироки, координирани санкции, кои ќе се однесуваат на економски сектори, доколку бидат потребни.

Белата куќа, по разговорите на Обама со Ангела Меркел, Дејвид Камерон, Франсоа Оланд и Матео Ренци, соопшти дека тие се согласни дека Украина преземала позитивни чекори по постигнатиот договор во Женева, но Русија не го сторила тоа.

– Русија не го поддржа договорот од Женева јавно, не ги повика вооружените милитанти да го положат своето оружје, или да ги напуштат владините објекти кои ги окупираа. Всушност, Русија продолжи да ја ескалира ситуацијата, со се позагрижувачка реторика и со закани за воени вежби на границите на Украина, соопшти Белата куќа по разговорот на Обама со четворицата лидери.

Според Белата куќа, лидерите се уште се надеваат дека ќе се најде мирно решение на кризата, со спроведување на договорот од Женева, кој предвидува разоружување на вооружените групи во Украина и политички реформи.

Би можело да ве интересира

Падни пред нозете на Американците и капитулирај

САД подготвуваат резолуција за Украина: ЕУ ја смета за контроверзна, Русите ја сметаат за одлична

Украина: Русија сака да прогласи победа на 24 февруари

Лукашенко: Не исклучувам обид на САД да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина

Ројтерс: Русија би можела да и предаде на Украина замрзнати средства во вредност од 300 милијарди долари

Лавров: Помошта за Украина се обезбедува врз основа на кражба на руски имот и на штета на развојот