Група претставници на западни и арапски земји се сретнаа синоќа во затворот во Каиро со Хаират ал Шатер, еден од лидерите на Муслимански братство.
Според добро упатен извор, заменик-државниот секретар на САД Вилијам Барнс, специјалниот претставник на ЕУ за Јужното Средоземноморие Бернардино Леон и шефовите на дипломатиите на Катар и Обединетите Арапски Емирати, се обидуваат да посредуваат за решавање на кризата во Египет.
Тие одржуваат средби со сојузници на соборениот претседател Мохамед Морси и со претставници на сегашната Влада. Пратениците добиле дозвола од главниот обвинител да се сретнат со затвореникот.
Шатер е вториот по ранг лидер на исламистичкото движење Муслиманско братство и негов главен политички стратег. Средбата траела еден час.
Двајца американски сенатори ќе пристигнат денеска во Каиро на разговори со претставници на опозицијата.