Исклучително голем кибер напад е регистриран во светот денеска. Компании во светот споделуваат идентични „скриншотови“ (фотографии од електронска порака) во која се бара откуп во биткоини.
Има информации за кибер напади врз фирми во Велика Британија, Шпанија, Италија, Португалија, Русија, Виетнам, Казахстан и Тајван, јави Би-Би-Си.
Не е јасно дали нападите се поврзани.
Компанија за заштита од кибер напади објави на Твитер дека се пријавени напади врз 36.000 компании од страна на вирусот наречен ВанаКрај (WannaCry) и варијанти од него во кои се бара откуп.
– Ова е исклучително голем напад, објавија тие.
Британските болници биле приморани да пренасочуваат повици упатени до Итната медицинска помош поради сомневање дека врз компјутерскиот центар е извршен кибер напад и тоа на целата територија на државата.
Националната здравствена служба (НХС) на Велика Британија соопшти дека 16 организации од тој систем биле изложени на хакерски напад.
„Дејли телеграф“ објави дека хакерите барале откуп и дека во болниците не работат телефоните и компјутерските системи, а во некои здравствени установи се примаат само итни случаи.
– По нешто за што се сомневаме дека е кибер напад извршен на национално ниво, преземаме мерки за заштита на нашите локални системи од Националната здравствена служба, објавија здравствените власти.
Меѓу погодените компании се најголемата телекомуникациска компанија во Шпанија „Телефоника“, енергетската компанија „Ибердрола“ и компанијата за испорака на гас „Гас натурал“.
Вирусот го погодува оперативниот систем Виндоус, сите фајлови, како и мрежите што ги споделува, соопшти Националниот центар за криптологија на Шпанија. Не е познато колку шпански фирми се погодени од нападот ниту дали некои платиле за враќање во мрежата.
Нападот е извршен со софтвер за барање откуп под назив „Вона декриптор“ што го заклучува компјутерот и го држи како „заложник“ додека напаѓачите бараат пари за да може повторно да проработи.
Дел од британските медиуми јавуваат дека се бара откуп од 300 биктоини.