Полицијата во градот Дортмунд ги негираше информациите објавени на неколку веб портали на англиски јазик, дека во градот имало масовни немири и пожари.
Според полицијата, овие извештаи во кои се говореше за напади на банди составени од мигранти врз полицајци и за запалена една црква, се лага која има за цел да се дезинфомира јавноста и да се зајакне одбивноста на германското општество кон бегалците и странците.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, извештаите кои се базираа на текст од германскиот неонацистички сајт „Рур Нахрингтен“, беа масовно дистрибуирани на социјалните медиуми, а во нив се тврдеше дека илјадници организирани мигранти предизвикале немири во кои се повредени десетици полицајци.
Според портпаролот на полицијата во Дортмунд, околу 1.000 луѓе традиционално за Нова година се собрале на главниот плоштад во овој град, при што неколку полицајци биле полесно повредени од петарди и други пиротехнички средства, но ниту еден не бил нападнат.
– Нема индикации дека некој полицаец е намерно нападнат ниту пак дека малиот пожар во близина на една црква е подметнат. Новогодишната ноќ мина мирно, а извештаите не кореспондираат со реалност, изјави портпаролот на полицијата во Дортмунд, Нина Вогт.
Според полицијата, не е невообичаено во текот на прославата за Нова година во град од 600 илјади жители, да има неколку апсења за нарушување на јавниот ред и мир.
Дел од британските медиуми пренесоа и видеа во кои се гледа како лица, за кои се тврди дека се мигранти, користат пиротехнички средства, но и оружје за кое не може да се каже дали е вистинско за време на прославата на новогодишната ноќ во Германија. Германските власти се уште не ги потврдиле или демантирале вестите за користење на огнено оружје.
Прашањето за ширење лажни весто во Германија стана една од централните политички теми, откако САД ја обвинија Русија дека со лажни вести се обидела да влијае на американските претседателски избори, а германските служби за безбедност и политичари предупредија дека Москва планира да користи хакери за да влијае на сојузните парламентарни избори во септември.
Според предлог законот на германскта влада, Фејсбук и другите социјални мрежи ќе треба да платат по половина милион евра доколку навреме на ги блокираат лажните вести кои имаат цел дезинформирање на јавноста.