Германската министерка за образование Анете Шафан денеска изјави дека пред суд ќе ја оспори одлуката на Универзитетот во Дизелдорф со која и се одзема докторатот поради плагијат.
Шафан, која е во посета на Јужна Африка, најави дека ќе преземе правни дејства против Универзитетот во Дизелдорф.
Универзитетот „Хајнрих Хајне“ и ја одзема докторската титула на 57-годишпната Шафан тврдејќи дека препишувала од други автори. Дванаесет членови на Советот на факултетот гласале за одземање на докторатот на министерката додека двајца биле против. Таа е доктор по философија од 1980 година. Нејзината докторска дизертација била „Народ и совест“.
Шафан е член на Христијанско демократската унија на канцеларот Ангела Меркел.
Медиумите во Германија оценуваат дека таа веднаш треба да поднесе оставка. За нејзина оставка се заложија и лица од партијата на Зелените и од левицата кои оценуваат дека Шафан не е одговорна личност за министер за образование и потсетуваат на поранешниот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг кој по аферата Докторат-плагијат поднесе оставка на министерската функција.