Главниот извршен директор на фабриката за производство на автомобили „Нисан“, Карлос Гон минатата година заработи речиси 10 милиони долари, што му овозможи да го задржи првото место на листата најплатени раководители во јапонските компании.
Гон во 2013 година оствари приходи од 9,8 милиони долари, вклучувајќи ги фиксната заработувачка и бонусите исто како и претходната година, пренесе „Блумберг“.
Истовремено шефот на најголемиот произведувач на автомобили во државата „Тојота“, Акио Тојода во 2013 заработил околу четири пати помалку од својот колега, иако според показателите на приходите неговата компанија била пет пати подобра од „Нисан“.
Меѓутоа доколку се направи споредба на платите на раководителите во автоиндустријата во целиот свет, заработувачката на Гон е далеку под приходите на неговите американски и европски колеги.
Извршниот директор на „Форд“, Алан Мулали минатата година заработи 23 милиони долари, а се претпоставува дека директорката на „Џенерал Моторс“ Мери Бара оваа година ќе заработи 14,4 милиони долари.
Во Европа шефот на „Фолксфаген“, Мартин Винтеркорн минатата година имаше приходи од 20 милиони долари, а директорот на „Дајмлер“ Дитер Цетше 8,25 милиони евра.
Францускиот произведувач на автомобили „Рено“ на својот извршен директор, кој истовремено е и директор на „Нисан“, Карлос Гон за минатата година му исплати околу 2,3 милиони евра.
Е. Г.