На „Твитер“ е објавена првата фотографија од редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“, која што е направена веднаш по вчерашниот терористички напад, во кој се убиени 12 лица, односно 10 новинари и уредници и двајца полицајци.
Фотографијата е сведок за злосторството на браќата Саид и Шериф Куаши, кои според последните информации, се уште се во бегство, но полицијата им е во траг.
Третиот осомничен напаѓач, 18-годишниот Хамид Мурад кој се предал на полицијата, како што пренесуваат медиуми тврди дека за време на нападот бил на училиште, за што има и сведоци.
Меѓу жртвите е и карикатуристот и главниот уредник на сатиричниот неделник „Шарли Ебдо“, Стефан Шарбоние, познат како Шарб, но и познатите цртачи Жан Кабу, Жорж Волински и Бернар Тињу Верлак.
Инаку еден од убиените полицајци бил во зградата како лично обезбедување на Шарбоние, кој бил под постојана полициска заштита поради поранешни закани.
Е. Г.