Поголем број ирански жени споделија свои фотографии на страната „Сокриена слобода“ на „Фејсбук“, на кои што се наоѓаат без марама.
Жените се фотографирале сами, со пријатели или партнери, на различни локации. Меѓу коментарите кои стојат покрај фотографиите има и прашања од типот, дали е грев да се почувствуваат сонцето и ветерот во коса.
Уште од Исламската револуција пред 35 години во Иран, жените не може да ја напуштат куќата без марама, затоа што ќе се соочат со парична или затворска казна.
-Мојата коса е како заложник на владата, која се уште држи многу заробеници- вели основачот на страницата, иранската политичка новинарка Месих Алинеџад, која живее во Велика Британија.
Алинеџад до оваа идеја дошла откако на својот профил добила лајкови на своите фотографии на кои нема марама, по што и други жени започнале да и испраќаат свои фотографии во ист манир.
Иако е позната како жестока критичарка на владата таа тврди дека нејзината страница не е политичка.
-Овие жени не се активистки, туку обични лица кои зборуваат од своето срце- порачува таа.
На страницата до сега има околу 150 фотографии, на кои се гледаат жени на плажи, улици, во природа, сами, со пријатели или партнери, но секако без марами. Една од жените која што објавила своја фотографија напишала дека нејзин проблем не е тоа што мора да носи марама, туку што нема избор.
Друга жена истакнала дека „Сокриена слобода“ значи дека барем неколку секунди може да биде тоа што сака.
Инаку обичајот за носење марама е контроверзно прашање во Иран. Неодамнешаната кампања која што ги потсетува жените да ја покријат главата, е исмеана на социјалните мрежи, бидејќи жената е споредена со завиткано чоколадо.
Сепак многумина кои му даваат поддршка на обичајот, тврдат дека тоа е важен дел од исламското право, а минатата недела на демонстрациите во Техеран насобраните повикаа на построга примена на законот.
Е. Г.