Европската комисија и Советот на Европската Унија подготвуваат „амбициозна програма за проширување“ во првата половина на годинава, рече европскиот комесар Штефан Филе за време на расправа која група социјалисти ја организираа во Европскиот парламент со цел да се разгледаат социјалните и други последици од европската криза во процесот на ширење на членството на Унијата.
Филе потенцираше дека е голема корист зајакнувањето на слободната трговска зона ЦЕФТА на западен Балкан. ЦЕФТА може да се продлабочи и прошири преку либерализација на секторот на услуги, преку зајакнување на условите за странски инвестиции за да се подобри инфраструктурата и логистиката во регионот. Ова е најавено и во Стратегијата за проширување која ја прифатиле лидерите на ЕУ.
Европската комисија во таа стратегија најавила „Дијалог за вработување и социјални реформи“ со земјите кандидати, поради загриженоста од социјални последици при проширувањето. Оваа година со дијалог ќе започне Турција и Црна Гора, а следната Србија и Македонија.
Филе смета дека големата невработеност во западен Балкан, како и сиромаштијата, се последица на слаби владини закони и високото ниво на „сивата економија“. Комесарот предупреди дека периодов ќе се зајакне надзорот врз економијата во регионот и од владите ќе се бара да ја зајакнат економската политика и програма. Додаде дека Европската комисија е спремна да помогне во остварување на целта.
Комесарот повтори дека политиката за прием на нови членови во ЕУ има строги услови, сосредоточено на зајакнување на правната држава и разбивање на корупцијата и организираниот криминал. Тој укажа дека во ЕУ земјите постои „замор од проширување“, а на западен Балкан „замор од реформи“.
Јасна Атанасова