Досегашниот претседател на Мексико Фелипе Калдерон точно на полноќ му ја предаде власта на новоизбраниот шеф на државата Енрике Пења Нието на симболична церемонија во Националниот дворец во центарот на Мексико Сити.
Нието денеска доцна попладне ќе положи заклетва во Парламентот пред пратениците и сенаторите.
Четириесет и шест годишниот адвокат Нието е од новата генерација политичари на Револуционерната институционална партија, која била на власт во Мексико од 1929 до 2000 година. Тој ја презема власта по двата мандата на претседателите од конзервативната Партија на национална акција, Висенте Фокс и Фелипе Калдерон.
Претходно, Нието го објави составот на новата влада, која брои 16 члена, меѓу кои има три жени, неколку независни личности од левицата и еден член на претходната администрација.
Министер за внатрешни работи, што е една од највлијателните функции, ќе биде Мигел Анхел Осорио Чонг (48), кој е поранешен гувернер на централната држава Хидалго. Под негова надлежност, освен внатрешните работи и разузнавањето, ќе биде и федералната полиција доколку Конгресот го одобри замисленото преструктуирање на претседателот.
Со Министерството за надворешни работи ќе раководи Хосе Антонио Меаде, кој беше министер за финансии во владата на досегашниот претседател Калдерон.
Новиот министер за финансии ќе биде 44-годишниот Луис Видегарај, економист кој се смета за „мозок“ на претседателскиот круг.